Откако во јавноста одекна веста дека 25-годишниот внук на лидерот на ДУИ – Дрин Ахмети ја купува Соравија, денеска тој на прес конференција образложи детали за зделката околу преземањето на контролата врз трговскиот центар во срцето на метрополата.
Дрин изјави дека не влегува во Соравија сам туку со неговите партнери, и токму затоа на прес-конференција присуствуваа тој, Дрин Ахмети, извршен директор на „Thor Industries“, Владимир Пјетерѓокај, сопственик на „PE-VLA-KU SH.P.K.“ и Хано Соравија, основач на „Soravia Group GmbH“.
„Уште минатата година со партнерите изразивме намера и почнавме да ги анализираме документите од компанијата Соравија кои покажуваа дека Соравија неколку години работи со загуба и има долг. Видовме можност за бизнис, се консултиравме со партнерот од Албанија, човек кој е сопственик на неколку бизни во Албанија и со него одлучивме да ја искористиме оваа можност“, изјави Дрин Ахмети.
Уште во октомври имале средби во Виена со сопственикот на Соравија, средби на кои се разговарало да имаат удел во акциите. Како што вели Дрин Ахмети се створила хемија меѓу нив веднаш и по тој состанок Хано Соравија побарал понуда.
„ Се утврди дека Соравија има долг од околу 20 милиони, долг кон банки. Се до мај разговаравме и на 26 мај го склучивме договорот, дека ги превземаме долговите и купуваме дел од акциите. 20 милиони долг кон банки има ние ги превземавме долговите. Три милиони евра веќе се платени, а понатаму ќе следуваат уште трансакции. Овие пари се од подигнат кредит од шест милиони евра од тиранската банка Кредис каде што свој удел има албанскиот партнер Пјетерџокај“, изјави Ахмети.
На денешната прес-конференција видео обраќање имаше и Хано Соравија кој пред новинарите рече дека по продажбата на мнозинскиот пакет, ќе му остане само удел од 10 отсто во деловниот центар.