Британското Министерство за одбрана извести дека војската на Украина прави „постепен, но тактички напредок“ во деловите на земјата под контрола на Русија.
„Украинските сили се позиционираа и продолжуваат со големите офанзивни операции на три главни оски во јужна и источна Украина“, објави лондонското министерство во секојдневното ажурирање на конфликтот на Твитер.
Тие го искористија искуството од првите две недели од контраофанзивата за „да ја усовршат тактиката за напад на длабока, добро подготвена руска одбрана“, се додава. Московските сили за возврат направија „значителни напори“ да напредуваат во шумската област во близина на Кремин во источниот регион Луганск.
„Ова веројатно ги одразува постојаните наредби од руското раководство да се оди во офанзива секогаш кога е можно“, соопшти Министерството, повикувајќи се на извештаи на британските разузнавачи.
Британското министерство секојдневно објавува ажурирања за напредокот на војната откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина пред околу 16 месеци. Москва го обвинува Лондон за дезинформации.