Во Општина Центар се одржа јавен настан на тема „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“ во соработка со Центарот за слобода – Цивил.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во своето обраќање истакна дека Општина Центар креира добри практики и позитивна атмосфера за развој на мултикултурализмот, еднаквоста и недискриминацијата на локално ниво во сите сектори. Како позитивен пример ја наведе континуираната соработка со граѓанскиот сектор и финансиската поддршка на здруженијата на граѓани и фондации, каде што оваа година е зголемен буџетот, односно зголемен е бројот на проекти и програмски активности од различни групи на дејствување.
На граѓанската средба присуствуваа претставници од граѓанските здруженија, заинтересирани граѓани и вработени во општинската администрација. Се дискутираа теми за инклузивноста на ромите во образованието, родовата застапеност во општината и другите општински институции, изучување на јазиците на помалите етнички заедници како изборни предмети во основните училишта во Општина Центар и овозможување еднакви права и можности на заедниците за подобри меѓуетнички односи и подобра општествена и економска стабилност на локално ниво.
Свое обраќање имаше и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, кој на јавната трибина ги истакна институционалните и владините препораки за национализмот и мултикултурализмот, моожните решенија за недискриминацијата и почитувањето на човековите права и слободи, согласно националните интереси и европски вредности.
Општина Центар и понатаму останува поддржувач на програмите и стратегијата за работа на ЦИВИЛ и преку заеднички активности ќе се реализираат проекти, трибини и јавни расправи што ќе овозможат позитивни промени за дијалог меѓу заедниците и развој на мултикултурно општество.