Работилницата за книжевен превод „Без фусноти“ ќе се одржи денеска во социјалниот клуб „Комитет“. Работилницата се одржува во рамки на активностите поврзани со регионалниот книжевен избор за ангажирана феминистичка и квир книжевност „Штефица Цвек“.
Како што информира тимот на книжевниот избор „Штефица Цвек“, „Без фусноти“ е наменета за млади преведувачи на почетокот на нивната кариера кои преведуваат од македонски на останатите јужнословенски јазици и на албански јазик, и обратно, и кои се заинтересирани за различните техники во преведувањето на книжевни и уметнички текстови и проблемите со кои преведувачите се соочуваат при нивната адаптација.
На учесниците ќе им биде даден краток фрагмент од прозен книжевен текст, кој ќе го преведат на јазикот по сопствен избор, а потоа ќе разговараат за нивните преводи во текот на работилницата.
Работилницата ја води лингвистот и преведувач Ѓорѓе Божовиќ. Тој е доцент на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград, каде предава предмети по општа и балканска лингвистика. Од албански јазик превел повеќе дела од современа поезија, проза, публицистика и драма од автори како Љуљета Лешанаку, Аријан Лека, Ветон Сурои, Еди Рама, Јетон Незирај и други. Неговите два најнови преводи се автофикциите „Вечерен автобус“ од Стефан Алијевиќ од македонски на српски јазик (Нови Сад, Kulturanova, 2023) и „1997“ од Кристи Пиндери од албански на српски јазик (Белград, Pobunjene čitateljke, 2023).