Издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ го објави најновиот роман „Мистер Гвин“ на италијански писател Алесандро Барико. Делото е 81. наслов во популарната едиција ПРОаЗА на оваа издавачката куќа.
Поднасловот на романот, објавен во 2011 година е „истражување на способноста за исчезнување, за потоа повторно да се пронајдеме себеси“. Преводот е на Лилјана Узуновиќ, а излегувањето на македонски јазик е поддржано од Програмата за култура на Европската унија EACEA 2007-2013, како и од Министерството за култура. Илустрацијата на корицата ја изработи Марија Смилевска, а дизајнот е на на brigada.mk.
Алесандро Барико е современ италијански книжевник. Роден е во 1958 година во Торино. По дипломирањето филозофија и пијано, работи во рекламни агенции и пишува популарни статии од областа на музиката и културата во неколку италијански весници. Истите области ги третира и во електронските медиуми – радиото и телевизијата.
Барико е автор на повеќе дела. Неговиот романсиерски опус стартуваше со „Замоци на гневот“ (1991), а продолжи со „Океан, море“ (1993), „Новеченто“ (1994), „Свила“ (1996), „Сити“ (1999), „Без крв“ (2002), „Оваа приказна“ (2005), „Емаус“ (2009). „Мистер Гвин“ (2011) е неговиот најнов роман, кој за кратко време е преведен на многу јазици.