Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски, кој е и балкански шампион во полумаратон, и годинава победи на 21. километарската патека во Охрид на атлетската манифестација „Охрид трчаТ“. Ивановски патеката ја мина за 1 час 11 минути и 18 секунди. Во женска конкуренција најдобра беше Билшерин Сулејман од Бугарија.
Втори на целта пристигнаа Тирон Мамуша од Албанија, во машка и Билјана Кираџиева од Србија, додека трети беа Муџаид Мислими и Марина Домазетоска од Северна Македонија.
Наградниот фонд за победниците на 21 километар е 300, 200 и 100 евра во машка и женска конкуренција, а тие добија и бисери од Филеви.
Во трката на пет километри победија Михаил Вулковски од Бугарија со време 18:52 минути од мажите и Аделина Павлова од Бугарија со време 22:29 минути во женска конкуренција.
Втори беа Жорит ван дер Рат од Холандија и Николина Милевска Велјановска од Северна Македонија, додека трети во машка, односно женска конкуренција беа Атила Расим од Бугарија и Бојана Наумовска од Северна Македонија.
На штафетната трка од 21 километар во машка конкуренција тримфираше АК Делта, пред Битолски бавни тркачи и „Poetry Run“ . Во женска конкуренција првото место го освои штафетата „Сакаме тартан во Битола“ пред „Ohrid running team girls“.
Фото: МИА