Во рамките на годинашните „Рацинови средби“ во Велес на 11 јуни по вторпат ќе се одржи Атлетската трка низ велешките главни улици насловена „Трчаме за Рацин“, а во чест на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.
Трката ја организира АК „Борец“ со поддршка на Општина Велес. Се трча на 5 и 10 километри, а претходно ќе има и детска трка. Детската трка е на 400 метри, а за неа се предвидени стотина учесници.
Како што информира за МИА, Лазе Петрушев од АК „Борец“, досега за трката се пријавиле над 400 учесници од земјава како и од Србија и од Косово.
Пријавувањето е до утре, недела 4 јуни, а се врши електронски преку веб страницата на трката „Трчаме за Рацин“.
Стартот на трката е на 11 јуни во 19 часот на главната улица спроти споменикот на Рацин пред Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес.
Организаторите за најдобрите во машка и женска конкуренција обезбедија и вредни парични награди за освоено прво, второ и трето место.