Енергетските предизвици се заеднички – наши, на регионот, на Европа, а нивното решавање бара заеднички пристап, заедничко планирање и заеднички акции, порача денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи преку видео порака.
Тој ги пренесе импресиите од Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Кишињев, Молдавија, но и очекувањата на главните политички чинители во ЕУ, кои, како што вели, од Северна Македонија очекуваат максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав како значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани.
-Токму затоа се обединуваме низ механизмите како што е Европската политичка заедница – сите заедно, за да постигнеме енергетска транзиција, за да обезбедиме проширување на Унијата, за да ги одбраниме европските демократии од агресиите со кои се соочуваат. По тој повод, чест ми е што заедно со премиерот Ковачевски учествував на Самитот на шефови на држави и влади на Европска политичка заедница која што се одржа во Кишињев во Молдавија, посочува Битиќи.
Тој средбите во Кишињев ги оценѕва како можност за окрупнување и засилување на поддршката од цела Европа за следни чекори за членство на државава во Европската Унија
-Макрон, Шолц, Фон Дер Лајен, Мишел, Мецола, Зеленски, Рама, Вучиќ, Милатовиќ и многу други. Сите нѝ оддаваат признание за постигнатото досега и за тоа што сме пример за земја која изолацијата ја замени со напредок. И сега, сите наши европски пријатели очекуваат од нас максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав. Заеднички е ставот на сите наши пријатели дека со тоа ќе направиме уште еден значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани, вели Битиќи и порачува дека нема други алтернативи за просперитетна и сигурна иднина.