Јапонските власти стравуваат дека можеби мечка изела рибар во близина на езерото Шумаринаи на островот Хокаидо, откако во областа била откриена човечка глава и била видена мечка со чизми во устата.
54-годишниот рибар Тошихиро Нишикава во понеделникот отишол на оддалечено место да риби, но не се вратил.
Семејството пријавило дека е исчезнато, а полицијата започнала потрага. Хемичар кој работи на езерото изјави дека во понеделникот видел мечка со рибарски чизми во устата.
Властите тогаш организирале лов на животното, кое било застрелано истата вечер, пишува Дејли Мејл.
При потрагата по исчезнатиот рибар, полицијата во реонот на езерото пронајде остатоци од човечка глава, но допрва ќе се утврдува дали се работи за Нишикава. Се проценува дека на островот Хокаидо живеат меѓу 6.500 и 10.000 кафеави мечки Усури, познати и како руски гризли.
Иако е помал од својот северноамерикански братучед гризли, може да биде исто толку смртоносен. Надлежните ги предупредија граѓаните да останат смирени и мирни во случај на блиска средба со мечка.