Војната во Украина очигледно се разгорува и загубите се зголемуваат на двете страни, додека се повеќе се зборува за неминовен почеток на украинската офанзива. Минатата сабота ќе биде запишана со црни букви како еден од најлошите денови од почетокот на конфликтот што се однесува до руските воздухопловни сили.
Истиот ден Украинците соборија два руски борбени хеликоптери и два борбени авиони, објави Ројтерс, повикувајќи се на весникот Комерсант.
Станува збор за хеликоптери од типот „Ми-8“, од кои едниот е специјално модифициран и опремен за електронско извидување и војување, а соборени се и борбени авиони од типот „Су-34“ и „Су-35“.
Рускиот дневен весник пишува дека целата руска јуришна летна група која тргнала во борбена мисија во Черниговската област е практично елиминирана.
– Според прелиминарните податоци, авионите требало да извршат ракетен и бомбашки напад врз цели на истокот на Украина, додека хеликоптерите биле испратени како поддршка со можно вклучување во извлекувањето на пилотите доколку авионите биле соборени – објави Ројтерс.
Други руски медиуми јавија за соборувањето на летало, наведувајќи дека нема информации за причината за несреќата. Агенцијата ТАСС јави дека авионот Су-34 се урнал недалеку од градот Клинци, кој е на околу 40 километри од украинската граница.