Новата влада на Албанија ќе работи за побрзо приближување на земјата кон ЕУ, изјави синоќа Еди Рама, лидер на левичарската коалиција, која победи на изборите на 23 јуни.
– Новото мнозинство ќе работи за приближување на земјата кон Европа. Тоа е исклучително важен момент. Не треба да дозволиме возот за Европа да се оддалечи од нас, туку треба да го стигнеме што е можно побрзо и да влеземе во нова етапа на евроинтеграциите, истакна Рама, чие назначување за премиер од страна на шефот на државата се очекува оваа недела.
Коалицијата на Рама освои 83 пратенички места во 140-члениот албански Парламент, додека досега владејачката Демократската партија на сегашниот премиер Сали Бериша и другите десно ориентирани партии имаат 57 мандати.
Албанија, на која Брисел веќе двапати не и доделува кандидатски статус за членство во ЕУ, се надева дека ќе го добие до крајот на оваа година.