Фотографии кои шефот на лесковачката психијатрија Горан Тојага ги објави на социјалните мрежи вчера ја обиколија Србија, пишува Нова.рс. Тојага, инаку, е член на Српската напредна партија на Вучиќ.
Министерката за здравство Даница Грујичиќ му нареди на директорот на лесковачката општа болница да преземе итни мерки поради фотографиите на кои се гледа лекарот и началникот на одделението за психијатрија.
„Во понеделник ќе имам разговор со докторот. Точно е дека ми се јави министерот Грујичиќ. Во понеделник ќе одлучиме што ќе правиме и како ќе постапиме“, изјави директорот на лесковачката општа болница Небојша Димитријевиќ.
Димитријевиќ наведува дека Тојага е еден од најдобрите специјалисти во Лесковац и многу посветен лекар.
Во интервју за порталот Republika.rs, Тојага изјави дека на фотографиите не се гледа вистинско оружје.
„Тоа се играчки, воздушни пиштоли, не се вистински пиштоли, туку реплики. Јас немам огнено оружје. Никогаш не сум пукал во никого, не сум убил животно, не можам да убијам врапче. Не промовирам насилство” рече докторот.