На социјалните мрежи е објавена снимката од убиството на познатиот хрватски криминалец Томислав Сабљо (41) во ноќниот клуб „Риц“. Сабљо беше убиен во саботата во 4 часот и 40 минути по судир со обезбедувањето, а досега се уапсени двајца осомничени. За убиството е осомничен Кристијан Кнего (37), шеф на обезбедувањето на клубот, а уапсен е и Доријан Мраковиќ (26), суспендиран загрепски полицаец, кој му го дал пиштолот од кој пукал кобната вечер.
На видеото се гледа како Сабљо го туркаат неколку мажи додека по секоја цена се обидува да го фати револверот. На крајот револверот заврши во неговата рака, но тоа беше кобен момент за него бидејќи Кнего му пријде со пиштол и испука неколку куршуми. Сабљо се сврти по првиот куршум, но уште два го погодија во грбот додека тој паѓаше кон подот.
Сабљо и беше добро познат на полицијата. Тој беше еден од водачите на криминалната група која од Албанија достави 16 тони марихуана, чија вредност се проценува на 11 милиони евра. Бандата била вмешана и во намерно палење возила на луѓе кои се спротивставувале на водачите на криминалната група.
Сабљо долго време помина во истражниот затвор во Реметинац. Тој беше ослободен во декември 2021 година бидејќи му истече максималниот притвор, но помалку од една недела подоцна повторно беше зад решетки поради обид за изнуда.