Келнерка во јапонско кафуле добила отказ откако било откриено дека ја ставила сопствената крв во коктел. Лекарите ги советувале гостите на Mondaji Con Cafe Daku на островот Хокаидо да одат на лекар и да направат медицински тестови, пишува Independent.
На почетокот на април, кафулето објави дека ја отпуштило вработената која ја измешала својата крв во коктелите и се извинило за нејзиното однесување, објави сајтот Флеш.
Келнерката рекла дека на барање на гостинот ставила крв во пијалокот. Од кафулето велат дека нејзината постапка е апсолутно неприфатлива и најавија дека ќе биде затворено додека не се заменат сите чаши.
„Постапките на келнерката не се разликуваат од тероризмот“, велат од јапонското кафуле. Докторот Зенто Китао изјави за Флеш дека отпуштената келнерка и гостите кои ги пиеле нејзините коктели треба да се тестираат за ХИВ, хепатитис Ц, хепатитис Б и сифилис.
„Луѓето ретко се заразуваат со пиење туѓа крв, но болестите може да се пренесат преку крв. Доколку има рани во устата, лесно е да се заразите преку крв“, вели јапонскиот лекар.