Со нова инвестиција во основното училиште „Лазо Ангеловски“ денеска се затвори инвестицискиот циклус и се обезбедија содржини кои овозможуваат целосно инклузивна настава за учениците со попреченост. Компанијата „Кроација Осигурување“ во соработка со Општина Аеродром донираше средства со кои целосно се опреми сензорната соба во ова основно училиште, известуваат од Општината.
На настанот присуствуваа градоначалникот Тимчо Муцунски и претседателот на Советот на општината Дејан Митески, хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, претставници на компанијата и директорката на училиштето Магдалена Петреска.
Градоначалникот Муцунски на својата Фејсбук страна истакна дека на негово задоволство, со оваа донација, најголемото училиште станува и целосно инклузивно, со што се олеснува пристапот до него, но и до образовниот процес во целост.
Оваа реализирана инвестиција е уште еден потврда за напорите на Општина Аеродром да овозможи еднакви услови за сите ученици, како и доказ за успешната соработка помеѓу локалната самоуправа и приватниот сектор, соопшти Општина Аеродром.