Единаесетгодишно момче е осомничено дека е вмешано во смртта на 10-годишно девојче во дом за заштита на деца и млади во јужна Германија, соопшти полицијата. Телото на девојчето e пронајдено во вторникот во нејзината соба во институцијата во баварскиот град Вунзидел.
„Доказите собрани на местото на настанот укажуваат на вмешаност на 11-годишно момче кое престојува во истата институција“, се вели во заедничкото соопштение на полицијата и локалното обвинителство.
„Бидејќи 11-годишникот не е кривично одговорен, превентивно е сместен во институција каде е под безбедносен надзор“, додаваат оттаму.
Случајот доаѓа во време кога Германија се уште е во шок поради убиството на 12-годишното девојче кое минатиот месец беше избодено до смрт од две девојчиња на возраст од 12 и 13 години во Фројденберг, во западна Германија.
Полицијата и обвинителството не дадоа детали за случајот Вунзидел, велејќи накратко дека момчето сè уште не е сослушано и дека соработуваат со младинските власти во истрагата.
Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман ги пофали истражителите за „релативно брзата“ идентификација на осомничениот.
„Сега е важно да се утврдат точните околности на оваа трагедија“, рече тој.
Домот за деца и млади во Вунзидел има околу 90 жители и рече дека е крајно згрозен од смртта на девојчето.
„Нашите мисли и молитви се со родителите, семејството, нашите деца и колегите“, се вели во соопштението на институцијата.