Обезбедуваме помош и поддршка за Северна Македонија која се соочува со различни видови хибридни и кибер-закани. Поддршката што НАТО и сојузниците се подготвени да ѝ ја понудат на Северна Македонија вклучува техничка поддршка и посилна соработка за борба против дезинформациите, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Прашан за тоа „каква поддршка добива Северна Македонија од НАТО за справување со хибридните напади и лажните дојави за бомби“ Столтенберг на вчерашната прес-конференција пред денешниот министерски состанок на НАТО во Брисел, рече дека по посетата на Скопје на експертскиот тим на НАТО со Владата бил договорени сет од различни чекори.
– Овие чекори се краткорочни и долгорочни, а кои НАТО и сојузниците можат да ги преземат за да ја поддржат Северна Македонија во одбраната од хибридните напади со кои се соочува. Неодамна, всушност, разговарав за ова прашање и со премиерот на Северна Македонија и, се разбира, НАТО е таму за да им помогне и да ги поддржи сојузниците бидејќи сега обезбедуваме помош и поддршка за Северна Македонија која се соочува со различни видови хибридни и киберзакани. Поддршката што НАТО и сојузниците се подготвени да ѝ ја понудат на Северна Македонија вклучува техничка поддршка и посилна соработка за борба против дезинформациите, изјави Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање од ТВ 21.
Генералниот секретар на НАТО, исто така, ги поздрави напорите на Владата за, како што рече, брзата и детална работа во развојот на програмата за соработка што била договорена.
На почетокот на минатиот месец во посета на Скопје беше делегација на НАТО предводена од заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици, Џејмс Апатураи, кој тогаш порача дека земјава не е сама во справувањето со хибридните напади и дека ја има поддршката од НАТО.