Фудбалската репрезентација на Македонија оствари минимална победа (1-0) над Фарски Острови на пријателскиот натпревар што се одигра на арената „Тодор Проески“. Тоа е втор триумф во низа за нашиот национален тим, а го обезбеди Бојан Миовски со погодокот во 82.минута.
Тој доби употреблива топка, влезе во шеснаесетникот и со десната нога од 15 метри шутираше во спротивниот агол од голот на противникот.
Само три минути претходно Елиф Елмас имаше одлична шанса, но голманот на Фарски Острови успеа да одбрани во дуелот „еден на еден“.
На стартот од вториот дел, Дарко Чурлинов имаше исто така убава шанса, но не успеа да ја затресе мрежата.
Во првото полувреме, Езгјан Алиоски ја погоди гредата, а Дарко Велковски за малку не погоди од изгледна позиција. Во 28.минута не беше досуден и пенал за Македонија откако еден дефанзивец на Фарски Острови играше со рака во сопствениот шеснаесетник.
На овој натпревар во дресот на Македонија дебитираше Јован Манев, а капитенот Стефан Ристовски го одигра 80.натпревар.