Најмалку три лица, меѓу кои и едно дете, загинаа во снежните врнежи и силниот дожд што го зафатија Авганистан, изјави денеска портпаролот на авганистанската влада.
Невремето вчера и денеска погоди девет провинции во различни делови на земјата: Балх, Забул, Фаријаб, Урузган, Нимроз, Нангархар, Кунар, Нуристан и Лагман, пренесе АП.
Во невремето се повредени и седум лица, а повеќе од 750 домови и обработливо земјиште се делумно или целосно уништени, изјави Шафиула Рахими, портпарол на Министерството за справување со катастрофи.
Тој рече дека владините служби им обезбедуваат на семејствата основни потреби, како што се храна, шатори и ќебиња.
Екипи ќе ги посетат погодените подрачја за да ја проценат штетата.