Владата на денешнмата седница донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје.
Установата, како што посочи прес-службата на Владата, се очекува да создаде високо квалитетен македонски џез производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.
Основна дејност на оваа установа, како што е образложено од ресорното Министерство, е предвидено да биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови коишто гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век.
Оваа установа, додаваат, ќе ги зачува талентираните џез музичари кои ги има, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негувањето на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа, а ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации коишто ја негуваат истата дејност.
Владата донесена и одлука за основање национална установа „Галерија на Гостивар“ – Гостивар, Република Северна Македонија.
Установата е предвидено да врши музејска дејност заради истражување, собирање, стручно и научно обработување, подготвување и презентирање на музејските материјали и афирмација на уметничкото творештво од полошкиот регион, а со цел промовирање на значењето на културното наследство од полошкиот крај.
-Основањето на национална установа „Галерија на Гостивар“ – Гостивар, претставува важен чекор за реализација на Националната стратегија за развој на културата, со цел демократски, слободен, динамичен, рамномерен и одржлив културен развој, посочи владината прес-служба.
фото/Jensthekkeveettil за Unsplash.com