Премиерот Никола Груевски на својот Фејсбук профил упати поддршка до македонската кошаркарска репрезентација која учествува на Европското првенство во Словенија.
– Публиката и поддршката на репрезентацијата и е најпотребна кога и е тешко и кога губи. Ова е моментот за тоа. Поддршката и не е толку значајна кога победуваат и слават. Критиките и плукањата по нашите кошаркари не ги мотивираат во овие тешки моменти, туку ги демотивираат. Тие дадоа се од себе и во спортот не може секогаш да се победува. Затоа правилно е сега сите ние да ги поддржиме кога им е најтешко и кога имаат порази, вели премиерот Груевски.
Додава дека така реагира публиката на најуспешните репрезентации и клубови и оти најбучна е во поддршката кога тимот губи и е во тешка ситуација.
– Така тимот добива нови крилја и излегува од апатичност и депресивност. За жал, редовно ни се случува да си ги исвиркуваме нашите спортисти кога ќе загубат. Тие не се ниту роботи, ниту супермени, па да мора секогаш да победуваат. Важно е дека даваат и дадоа се од себе. Оваа генерација на кошаркари направи историски резултат и таа, независно од успехот на ова првенство, не смее да биде понижена од сопствениот народ и публика. И тие се луѓе пред се, не заборавајте. И на крај, порака до кошаркарите: Напред момци, Македонија секогаш ќе биде со вас! Благодарни секогаш!, вели македонскиот премиер во поддршката до македонските кошаркари.