Лесија Бикова (28) од Украина била силувана и брутално убиена на Кипар, а за нејзината смрт е осомничен нејзиниот дечко со руско потекло, со кој била во врска нешто повеќе од еден месец.
Нејзиното безживотно тело е пронајдено на плажа во Пафос со бројни повреди предизвикани од паѓање од карпа. Иако нејзиното момче тврдеше дека Лесија паднала додека правела селфи, доказите покажуваат дека некој ја фрлил од карпата.
Сите се во шок поради смртта на младата девојка, која неодамна дошла да живее на Кипар. Како што пишуваат грчките медиуми, Лесија добила виза во јануари и дошла да живее со својата мајка во Пафос. Русинот кој е обвинет за нејзината смрт го запознала преку социјалните мрежи, а пред околу месец и половина почнале да излегуваат.
„Убиената девојка е од Украина. Таа во јануари добила дозвола за престој, по основ на војната во Украина и дошла овде да живее. Според информациите со кои моментално располагаме, таа преку социјалните мрежи го запознала осомничениот за убиството. Тој е 31-годишен млад човек со руско потекло, но има грчки пасош. Подолго време со семејството живее на Кипар“, соопшти обвинителството.
Обвинителот наведува дека парот се запознал пред нешто повеќе од еден месец и дека биле во емотивна врска.
„Последен пат беа видени заедно во петокот во клуб во Пафос. Осомничениот на сослушувањето изјави дека отишле на прошетка во областа Петра ту Ромиу, и дека девојката почнала да се приближува до карпата за да направи селфи. Осомничениот тврди дека девојката изгубила рамнотежа, а потоа паднала од височина од околу 100 метри на плажата. Телото на девојката го пронашле пожарникарите“, изјави обвинителот.
Обвинителот вели дека обдукцијата на телото покажала дека девојчето претрпело сексуално насилство, а повредите пронајдени на телото укажувале дека некој ги ставил рацете на вратот на девојката и ја давел.
Полицијата го приведе момчето на Лесија, но тој негира дека е виновен и тврди дека таа случајно паднала од карпата.