Железница ја отфрла одговорноста за 14-годишното девојче-младите треба да знаат дека 25.000 волти може да ги однесат во смрт

Од:

Трагичниот настан на железничката станица во Илинден во кој животот го загуби 14-годишно девојче од струен удар откако се качило на вагон за да снима видео за социјалните мрежи, како и трагедијата пред неколку месеци во скопско Маџари кога 17-годишна девојка на идентичен начин доби тешки изгореници по телото, покажаа дека младите не се свесни за последиците кои може да настанат снимајќи се на места што се многу опасни.

Железници се обвинети дека не ги обезбедуваат доволно своите станици, но експертите велат дека вината е во институциите и родителите кои треба да работат повеќе на едукацијата на младите за опасноста на локациите на кои снимаат прифаќајќи различни предизвици на социјалните мрежи.

„Тинејџерите, но и нивните родители треба да знаат дека самото доближување до контактната мрежа, на еден метар од неа претставува опасност по живот. Тоа е магнетно поле кое може да ве повлече до инсталацијата низ која поминува струја со напон од 25.000 волти. Работниците на железници од ЕТП одделот носат заштитна опрема и заштитни гумени чизми кога работат на некој проблем со контактната мрежа. На секој електричен столб постојат знаци кои предупредуваат за високиот напон и за опасноста од струен удар“, рече експерт од сообраќајната струка и железници за „А1он.

Од Македонски железници Инфраструктура велат дека вината не е кај нив затоа што насекаде по пругите постојат знаци кои предупредуваат за високиот напон и за опасноста од струен удар.

“ЈП МЖ Инфраструктура ги прави сите неопходни активности за предупредување од опасноста од високиот напон на контактната мрежа која служи за напојување со електрична енергија на влечните средства, односно локомотивите. Напонот на контактната мрежа е 25000 волти.
Тоа е превисок напон, не да се допре водот, туку и самото доближување до контактната мрежа претставува опасност по живот.

На секој електричен столб постојат знаци кои предупредуваат за високиот напон и за опасноста од струен удар.

Она што е потребно е да се зголемат активностите околу кампањата и едукацијата на младите, не само од опасноста од високиот напон на контактната мрежа туку исто така и за безбедноста на патните премини, каде за жал поради непочитување на патната сигнализација,се случуваат несакани инциденти”, рекоа за “А1он” од МЖ Инфраструктура.

Граѓаните, пак, револтирани од трагичните случаи ги повикаа институциите да ги засилат контролите на социјалните мрежи или целосно да се забранат.

Специјалистот за медиуми и социјални мрежи, Бојан Кордалов за „А1он“ истакна дека дебата за забрана на социјалните мрежи постои во цела Европа, но не за целосна забрана, туку за построга родителска контрола врз малолетниците.

– Едно од решенијата е и целосна забрана, но тоа ќе предизвика младите да се префрлат на друга платформа и проблемот нема да биде решен. И сега е забрането деца до 14 години да користат Фејсбук и Инстаграм, но најголем дел ги користат. Ако им кажете на тинејџерите дека од утре ќе нема интернет, ќе има силен отпор од нив. Треба самите деца до 15 години кои се најизложени на социјалните мрежи да бидат вклучени во целиот процес. Во Франција предлогот е да се забрани користење на социјални мрежи без дозвола од родител и без родителски надзор – порача Кордалов.

Би можело да ве интересира

Нема пожар во складиштeто на „Макпетрол“ во скопската населба Илинден

Горан Наумовски

14 години имало девојчето што загина во Илинден, се качило на вагонот и допрело до жиците за струја под висок напон

Катерина Ѓуровски

Детали за трагедијата во Илинден: Струен удар го опожарил вагонот-цистерна – починатото девојче било на вагонот

Анита Петровска Рајковиќ

Девојче загинало во несреќата во Илинден – потврдија од противпожарната бригада

Анита Петровска Рајковиќ

Трагедија во Илинден – изгоре девојче на опожарена вагон цистерна

Анита Петровска Рајковиќ