Лидерот на платеничката група „Вагнер“ Евгениј Пригожин го обвини рускиот министер за одбрана и началникот на Генералштабот дека му одзеле муниција на неговите борци и дека се обиделе да го уништат „Вагнер“. Овие потези, рече тој, се еквивалентни на предавство. Обвинувањата на Пригожин против официјалната руска воена команда не се слушаат за прв пат.
Водачот на платениците кои се борат во Украина, познат и како „готвачот на Путин“, веќе ја критикуваше традиционалната воена командна структура, истакнувајќи дека неговата армија дава „импресивни резултати“. Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров му се придружи во критиките на руското воено раководство, кое, инаку, неодамна изјави дека би сакал да раководи и со приватна воена организација како што е „Вагнер“.
Затоа, отворено се зборува за тезата дека двајцата стануваат алтернативни центри на моќ на руското Министерство за одбрана во војната, дека се стремат кон вистинска моќ и контрола во армијата. Се слуша и дека Кремљ сака да го замолчи растечкото влијание на Пригожин, а се шпекулира дека тој има претензии кон Министерството за одбрана и станува проблем за Путин.
Приватни платеници ја презедоа заслугата за падот на Соледар и другите борби во регионот на Доњецк. Медиумите пишуваат дека Вагнер сега сигурно командува со 50.000 борци во Украина и дека организацијата со зголемениот профит исто така се повеќе се легитимира.
Во последно време многу се зборува за тоа како Кремљ се обидува да го заузда Пригожин, кој наводно со помош на Кадиров се обидува да го собори Сергеј Шојгу критикувајќи го руското Министерство за одбрана за губење на територија.