(ВИДЕО) Претседателот на ДИК, Даштевски доби пари за три проекти во културата со здружение во кое е сопственик

Од:

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски преку Здружението „Институт Балкан Про Европа Скопје“ доби 260 400 денари од Министерството за култура на годинешните конкурси за финансирање проекти од национален интерес за 2023 година.

Поддршката од министерството е за три проекти: „Музиката нѐ сплотува, ајде да пееме“ за проект од национален интерес во културата од музичката и музичко сценската дејност, за кое се предвидени 130.000 денари.

Вториот е од областа на музејската дејност и заштитата на нематеријалното културно наследство. За овој проект, „Четврта школа за византиско и османлиско културно -историско наследство“, институцијата ќе додели 50.400 денари.

Третиот проект е во областа на заштита на недвижното културно наследство и аудиовизуелните добра. За креативните работилници за културно наследство, односно за проектот „Создавање на свесност, урбаното културно наследство и европскиот плурализам“, здружението ќе добие 80.000 денари.

Проверката на „А1он“ покажува дека „Институтот Балкан Про Европа Скопје“ има осум сопственици, меѓу кои и неколку звучни имиња. Најпознатото име е Александар Даштевски, претседателот на Државната изборна комисија. Универзитескиот професор за прв човек на ДИК беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ каде што бил и член. Од 2000 до 2003 година беше помошник директор на Царина кога таму директоруваше Драган Даравелски. Даштевски како претседател на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација остана запаметен во јавноста по тоа што му даде позитивно мислење на Никола Груевски дека е дискриминиран во судски процес. Дашевски, својот удел во здружението, воопшто го нема пријавено во анкетниот лист до Антикорупциска.

„А1он“ го побара претседателот на ДИК, Александар Даштевски кој рече дека заборавил дека бил еден од сопствениците на „Институтот Балкан Про Европа“.

„Не сум дел од тоа. Тоа е пред десет години, сум заборавил дека функционира. Ако функцинира тоа е само проформа. Не работи, нема никаков проект никогаш не ни работело“, вели Даштевски за „А1он“.

Истиот тој „Институт Балкан Про Европа од Скопје“ кој според Даштевски не бил активен, доби три проекти од Министерството за култура.

„Да видите со Корнелија, она го водеше тоа. Ќе излезам од тој проект и готово. Ниту сум конкурирал, ниту сум барал нешто“, истакна Даштевски во телефонскиот разговор.

Уште едно име кое е познато во јавноста, а е дел од Институтот е Живко Груевски, директор за корпоративни комуникации и односи со јавноста во „Еуромакс Рисорсес“.

Сопственичка и воедно управител на здружението е Корнелија Чипушева – Спасовска која е ангажирана во „СОС Детско Село“ на проект на меѓународно ниво.

Претседател на Управниот одбор на „СОС Детско Село“ е Александар Трајковски кој истовремено е и претседател на Комисијата на музичка и музичко-сценска дејност која одлучувала кои здруженија ќе ги добијат парите од министерството за култура, а меѓу нив и здружението на Корнелија Чипушева – Спасовска.

Трајковски за „А1он“ негира какво било поврзување на доделувањето на проекти и евентуален конфликт на интереси.

„Процесот се одвива според однапред утврдени строги критериуми и бодување на секој проект поединечно. Јас имам ангажмани на повеќе места (од областа на културата, образованието и хуманитарната дејност), соработувам со многу квалитетни луѓе и организации (најголемиот дел од апликантите на конкурсов ги познавам лично) и отфрлам било каков обид за нарушување на мојот личен и професионален интегритет и кредибилитет граден со години. Ќе повторам, целиот процес е транспарентен и лесно проверлив“, потенцираше Трајковски.

Во системот на министерството за култура се евидентирани 3355 пријави за Годишниот конкурс за финансирање на проекти, а вреднувањето на проектите и на програмите беше извршено од страна на стручни комисии.

„Комисиите се составени од стручни и компетентни лица во конкретната област, со почитување на принципите на соодветна и правична застапеност и непостоењето на судир на интереси“, стои во образложението од култура.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Даштевски од ДИК на партиски документи на ДПМНЕ е потенцијално кривично дело

Даштевски: Очекувам фер и демократски избори

Даштевски: Подготовките за претседателските и за парламентарните избори без проблеми согласно законот и роковникот

Горан Наумовски

Даштевски: ДИК може да функционира и со шест члена, одлуките ќе бидат легитимни

ДКСК ќе отвори предмет за куќата на мајката на сопругата на претседателот на ДИК на Халкидики