Поранешната советска република Молдавија го затвори својот воздушен простор, пишува Sky News, повикувајќи се на соопштение на националната авиокомпанија „Ер Молдавија“.
Авиокомпанијата ги повика патниците „да останат смирени“, додавајќи дека подоцна ќе објави повеќе информации.
„Почитувани патници, во овој момент воздушниот простор на Република Молдавија е затворен. Чекаме обновување на летовите“, стои во известувањето што го добиле патниците на „Ер Молдавија“.
Вчера претседателката на Молдавија, Маја Санду ја обвини Русија дека се обидува да организира државен удар. Санду рече дека планот предвидува руски, белоруски и српски државјани да влезат во Молдавија за да поттикнат протести и „да ја сменат легитимно избраната влада во нелегална влада контролирана од Руската Федерација“.
Москва негираше обид за каква било интервенција во Молдавија, а Белата куќа ги нарече извештаите за наводниот обид за државен удар „длабоко вознемирувачки“, додавајќи дека тие не се независно потврдени.