Пред точно осум години, на 11 и 12 февруари 2015 година се одржа состанок на лидерите на „Нормандиската четворка“ на кој беше потпишан документ за прекин на огнот во Украина – Комплексот мерки за исполнување на договорите од Минск, т.е. таканаречениот „Минск 2“.
Документот на 12 февруари во Минск го договорија лидерите на Германија, Русија, Франција и Украина – Ангела Меркел, Владимир Путин, Франсоа Оланд и Петро Порошенко. Документот го потпишаа членовите на контакт групата за решавање на кризата во Украина, како и лидерите на самопрогласените републики Донбас – Доњецк и Луганска народна република.
Денеска, пак, излегува дека ниту Киев, ниту Париз и Берлин немале намера да ги почитуваат условите од договорот, туку дека идејата била да се „купи време“ за да се подготви украинската армија за конфликтот со Русија.
Тоа го потврдува неодамнешната изјава на актуелниот претседател на Украина, Володимир Зеленски, во интервју за германски „Шпигел“, како и неодамнешните изјави на Ангела Меркел и Франсоа Оланд.
И поранешниот украински претседател Петро Порошенко неодамна изјави дека договорите од Минск се потпишани за земјата да има време да ја реформира армијата и да создаде меѓународна коалиција против Русија.