Синдикалните организации на Железници Транспорт АД Скопје покренаа петиција со која бараат директорот Мајан Вејсели кој доаѓа од партијата Алтернатива да не биде сменет од функцијата по само седум месеци од поставувањето.
„Од јули 2022 година, од кога е назначен, директорот Вејсели со совето работење, со преземените активности, одлуки и наредби придонесува за непренно и рационално одвивање на технолошкиот процес на работа но и за успешнно продолжување на веќе започнатите проекти. Со оглед на честите промени на директори, Вејсели покажа голема визија за идното работење и излегување од финансиската криза на друштвото“, пишува во петицијата потпишана од сите синдикални организации на МЖ Транспорт.
Од Синдикатот се сомневаат дека тој ќе биде седмиот директор што ќе биде сменет за пет години затоа што преговорите за влез на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари се во речиси завршна фаза и останува само да се договорат директорските места.
Неофицијално, Алијанса прво се заинтересирала за да го добие директорското место во АД Транспорт каде што директорува Вејсели, а потоа се преговарало и за позицијата генерален директор на МЖ Инфраструктура каде што прв човек е Хари Локвенец.
– Ние секако губиме и затоа реагираме вака колку и да звучи чудно Синдикати да бранат директор. И да се договорат СДСМ и Алијанса да добијат место во АД Транспорт, Вејсели ќе замине, а ќе се случи истото и ако Алијанса го добијат Инфраструктура, а Алтернатива се повлече од владината коалиција. Кај нас постојано се менуваат директори, но откако дојде Вејсели видовме дека се заложи за опстанок на фирмата која знаете е голем загубар. Најтрагично е што секоја Влада наместо да им даде шанса на директорите да работат за доброто на фирмата постојано ги менува поради коалициски потреби – рекоа за „А1он“ од Синдикатот.
Директорот Вејсели за „А1он“ рече дека бил изненаден и зачуден од петицијата, но дека нема информации дека ќе биде сменет.
– Воопшто не сум бил запознаен. За мојата позиција немам информации. Не можам да кажам ништо дали ќе бидам сменет и дали во преговорите со Алијанса се бара моето место. Но, како и да е, до последниот ден ќе го даваме својот максимум на работното место – истакна Мајан Вејсели.