Реновирање, сместување и транспорт. Ова се само дел од останатите услуги кои ги договарал лажниот Дејан, кој всушност е осуденик кој издржуваше затворска казна во затворот „Идризово“, а сега во затворот во Штип. За 18 дена, полицијата според пријавите пресметала дека заработил 137.100 денари односно 2.229 евра, преку измамите кои ги правел. Измамите функционирале на начин што тој од затвор договарал услуги, измамените ги намамувал да остават пари пред да дојдат на локацијата која ќе им ја каже, а соработниците на лажниот Дејан ги земале парите. Ова е втора кривична за затвореникот во 12 дена.
„СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.А.(36) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во периодот од 26.10.2022 до 13.11.2022, пријавениот телефонски остварил контакт со повеќе лица на кои лажно им се претставувал, при што договарал услуги за реновирање, резервации за ручек, за сместување или транспорт, а потоа ги наведувал оштетените лица да остварат средба и да исплатат парични средства на негови соработници во Тетово и Скопје. На тој начин тој се стекнал со противправна имотна корист во износ од 137.100 денари“, велат од МВР.
За разлика од претходната кривична пријава, каде се лоцирани и лицата кои се соизвршители и ги земаат договорените пари, овде се гони само лажниот Дејан. „А1он“ прв објави за измамите на затвореникот. Уште додека полицијата не можеше да му влезе во трага, стигнавме до информации за идентитетот на лицето. По низа статии, во полицијата стигнаа и нови пријави од измамени лица. Сите водеа до еден сторител.
Шемата која ја користи измамникот кој се претставува како Дејан е испробана. Во текот на издржувањето на казна затвор, осудениот е преместуван со престој во различни оддели во затвореното одделение, како и во КПД Штип и КПД Прилеп, а има уште 8 години казна затвор за издржување. По реакциите во Управата за санкции, дека прави измами од затворот „Идризово“, тој беше преместен во штипскиот затвор. Тој е осуден за измами.
Во Скопје имаше неколку измами. „А1он“ објави за три случаи. Првиот беше измамата на доставувач на пијалоци кој плати за украсување и чекаше наводниот Дејан да му ги врати парите. Вториот беше кога измамени биле девојки кои работат декорација – украсиле ресторан и го чекале славеникот Дејан да дојде да плати, па биле известени од менаџерот на ресторанот дека тие ја платиле декорацијата во негово име на човек кој дошол по парите. Третиот беше кога угостител требало да се сретне за да договри зделка и оставил 300 евра на непознато лице, за кои добил уверување дека ќе му бидат вратени веднаш што се сретнат. Шемата е секогаш иста, измамените остануваат без зделки, но и без пари.
Лице се претставуваше како Дејан, Дејан Николовски, Дејан од Хуго, доктор Дејан.