Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска воведе санкции за еден од најбогатите украински бизнисмени Владимир Новински и девет високи свештеници поврзани со Руската православна црква во Украина, замрзнувајќи ги нивните имоти на пет години.
Британските меидуми наведуваат дека ова е најнова во серијата мерки преземени од Зеленски против Руската православна црква, која ја поддржа руската инвазија на Украина.
Во декретот објавен на претседателската Интернет страница на Зеленски се наведува дека се воведени санкции за Новински, чие богатство пред војната украинското издание на магазинот „Форбс“ го процени на меѓу 1,3 и 3,5 милијарди долари.
Новински, за кого се верува дека во моментов престојува во Германија, според британските медиуми, ја носи титулата ѓакон и во минатото спонзорирал огранок на Украинската православна црква, што наводно бил поврзан со Москва.
Санкции се изречени и за викарот на манастирот „Печерска Лавра“ од Киев, Павел Лебед, како и за други свештеници од регионалните ограноци на Руската православна црква на истокот и југот на Украина.
Британските медиуми потсетуваат дека претходно неделава беа воведени санкции за 22 Руси поврзани со Руската православна црква.
Извор: МИА