Новата руска воена реформа е одговор на можноста за проширување на НАТО и „колективниот Запад“ да ја искористи Украина во хибридна војна против Русија, изјави во своето прво јавно обраќање новоименуваниот началник на Генералштабот на руската армија Валериј Герасимов.
Путин ја одобри воената реформа во средината на јануари и таа може да се прилагоди за да одговори на заканите за руската безбедност, изјави Герасимов за порталот Аргумети и Факти.
„Денес тие закани ја вклучуваат желбата на НАТО да се прошири во Финска и Шведска, како и употребата на Украина како средство за водење хибридна војна против нашата земја“, рече Герасимов, кој беше назначен на 11 јануари, пренесе Ројтерс.
Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО минатата година.
Според новиот воен план на Москва, еден корпус ќе биде испратен во Карелија, република на северозапад од Русија која граничи со Финска, се формираат два нови воени окрузи – Москва и Ленинград, кои постоеја пред да се спојат во 2010 година и да станат дел од Западниот воен округ.
Во Украина ќе бидат испратени уште три моторизирани дивизии, кои ќе бидат дел од комбинираните воени формации во регионите Херсон и Запорожје.
„Главната цел е да се обезбеди заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја“, рече Герасимов и изјави дека модерна Русија никогаш не била сведок на таков „интензитет на воени дејствија“, што ја принудува на офанзивни операции за стабилизирање на ситуацијата.
Герасимов и Министерството за одбрана се соочија со тешки критики за неколку неуспеси на бојното поле и неуспехот на Москва да обезбеди победа во она што Кремљ очекуваше дека ќе биде краткотрајна војна, објави Ројтерс.