Началникот на Здружениот Генералштаб на Армијата на САД, генерал Марк Мили, денеска за првпат се сретна со началникот на украинскиот Генералштаб, Валериј Залужни, во близина на границата на Украина и Полска.
Состанокот, кој се одржа во време кога се наближува првата годишнина од војната во Украина, укажува на се посилните врски меѓу армиите на двете земји, jавија американските медиуми.
Мили разговараше со Залужни неколку часа на непозната локација во југоисточна Полска.
Двајцата често разговарале за воените потреби на Украина и за ситуацијата на бојното поле во текот на изминатата година, но никогаш не се сретнале лично.
Состанокот се одржа во период кога меѓународната заедница обезбедува воена помош за Украина, која вклучува американска обука на украински војници и испраќање на ракетниот систем „Патриот“, тенкови, противвоздушни и други вооружени системи на САД и коалицијата на европски и други земји.
Извор: МИА