Забавување на економскиот раст, пониска инфлација во однос на лани, но повисока во однос на првичните прогнози за годинава, буџетското салдо со подлабока дупка, пишува Порталб. Ова се дел од новите проекции во ревидираната Стратегија за 2023-2025 година ( со изгледи за 2027).
Почетокот на преговорите со ЕУ – позитивен сигнал за инвеститорите..
Прогнозата за 4,5% економски раст за оваа нова економска година се стопи на 2,9%. Речиси во сите економски позиции има намален оптимизам за оваа нова календарска година која според Министерството за финансии повторно ќе биде под влијание на голема неизвесност.
“Заострувањето на меѓународните економски и политички односи, предизвикани од војната во Украина, проследени со засилени и долготрајни инфлациски притисоци, очекувања за намалување на глобалната трговија и надворешната побарувачка и заострувањето на глобалните услови за финансирање, го влошуваат глобалниот амбиент и дополнително ја зголемуваат неизвесноста за економските изгледи“ – се наведува во ревидираната Фискална стратегија.
Конкретно, во однос на постоечките прогнози, намалување освен кај економскиот раст има и кај инвестициите, кои годинава треба да растат со стапка од 5%. Просечна стапка на раст од 8,8% за 2023-2027 се намали на 8,5%. Власта прогнозира дека инвестициите ќе забрзаат, конкретно на приватните фирми како резултат на зголемената доверба, поинтензивен прилив на странски директни инвестиции и остварување на јавните инвестиции проектирани на високо ниво.
“Членството во НАТО и започнувањето на процесот на преговори со ЕУ ќе имаат дополнително позитивно влијание врз инвестициите“ -се наведува во документот.
Нови ревидирани проекции
БДП (економски раст) 4,5 %
Бруто инвестиции 5,1%
Приватна потрошувачка 2,4%
Јавна потрошувачка 0,8%
Инфлација 7,1%
Во 2024 та инфлација пониска од 3% …
Иако сите се надеваат дека ќе “попушти“ ценовниот притисок, ризиците остануваат. И во оваа 2023 растот на цените ќе го топи животниот стандард.
“Ценовниот притисок ќе биде делумно неутрализиран преку понатамошното усогласување на минималната плата, пензиите, очекуваниот раст на просечната плата, но и преку владините мерки за ублажување на ефектите од ценовниот шок пред се во делот на трошоците за храна и енергија“ – наведуваат од Министерството за финансии.
Токму кај инфлацијата е направена и најголема корекција во нагорна линија, ако со првичната Стратегија се проектираше 3,5% инфлација за годинава, сега прогнозата се искачи на 7,1%. Во 2024 та инфлацијата според сегашните нови проценки ќе се сведе на 2,4%.
За себе државата планира да го “стегне ременот за трошење“ – јавната потрошувачка годинава е проектирана на 0,8%.
“Ова е согласно напорите за намалување на неприоритетните буџетски расходи со цел да се обезбеди дополнителен простор за обезбедување на поддршка за приватниот сектор, како и спроведувањето на процес на фискална консолидација преку редизајнирање на јавните расходи“ – се наведува во ревидираната стратегија.
За годинава со новите прогнози стапката на невработеност ќе изнесува 14% што е повисока стапка од претходно проектираната од 13,3%.
Буџетскиот дефицит во однос на лани ќе биде подлабок и во апсолутен износ ќе изнесува 693 милион евра што за 100 милиони евра повеќе во однос на планот во првичната Стратегија. Годинава зголемена е и сумата што треба да се отплати, кон странските кредитори треба да вратиме 592 милиони евра а кон домашните 253 милион евра или вкупно 845 милиони евра.
Новата ревидирана Стратегија на Министерството за финансии ги исцртува краткорочните и среднорочните проценки за македонската економија.