Иран зад затворени врати осуди белгиски хуманитарен работник на 40 години затвор и 74 удари со камшик под обвинение за шпионажа, јавија денеска државните медиуми.
На веб-страницата на иранскиот правосуден систем се наведува дека Револуционерниот суд го осудил 41-годишниот Оливие Вандекасл на 12,5 години затвор за шпионажа, 12,5 години за соработка со непријателски влади и 12,5 години за перење пари.
Белгиецот е казнет и со милион долари и 2,5 години затвор поради перење пари.
Сè уште нема информации дали обвиненијата се поврзани со антивладините протести што го тресат Иран во последните четири месеци, за кои иранските власти ги обвинуваат странските сили. Протестите почнаа по смртта на 22-годишната Махса Амини на 16 септември, откако беше уапсена во Техеран од полицијата за морал, поради наводно прекршување на строгиот кодекс на облекување.
Оттогаш, 14 лица се осудени на смрт во врска со протестите, а бројни странци и лица со двојни државјанства се уапсени и честопати им се суди без соодветна постапка, велат групите за заштита на човекови права.
Според иранскиот закон, Вандекастеле може да биде ослободен по 12,5 години. На веб-страницата на правосудството стои дека пресудите може да се обжалат.
Семејството на Белгиецот минатиот месец соопшти дека тој со месеци е притворен во ирански затвор и оти штрајкува со глад. Тие рекоа дека му е забранет пристап до адвокат по негов избор и оти страда од сериозни здравствени проблеми.
Белгија ги повика своите граѓани да го напуштат Иран, предупредувајќи ги дека се соочуваат со ризик од произволно апсење или нефер судење.
Извор: МИА