Десетици земји и меѓународни институции синоќа на конференцијата на ОН во Женева ветија дека ќе донираат повеќе од девет милијарди долари за помош на Пакистан да ги санира последиците од поплавите во летото 2022 година, што светската организација ги карактеризира како „климатска катастрофа од огромни размери“.
Во поплавите загинаа повеќе од 1.700 луѓе, уништија повеќе од два милиони куќи и во еден момент зафатија една третина од територијата на Пакистан.
Огромни области на јужноазиската земја се уште се под вода, а милиони луѓе живеат во близина на загадена вода, соопштија ОН.
Како што соопштија претставници на ОН и Пакистан, штетата се проценува на повеќе од 30 милијарди долари.
На крајот од еднодневната конференција во просториите на ОН во Женева, заменик-министерката за надворешни работи на Пакистан Хина Рабани Кар рече дека е ветено повеќе од сумата што меѓународната заедница ја постави како цел, што треба да покрие половина од проценетите 16,3 милијарди долари за санација од поплавите. Остатокот од сумата треба да го обезбедат пакистанските власти.
Извор: МИА