Во Белорусија денеска почна судењето на добитникот на Нобеловата награда за мир Алес Бјаљацки. Нему му се заканува затворска казна до 12 години во случајот за кој неговите соработници тврдат дека е политички мотивиран поради неговото застапување за човекови права.
60-годишниот ко-основач на групата за човекови права „Весна“ и уште двајца претставници на групата кои исто така се појавија на суд се изјаснија за невини. Бјаљацки е еден од најистакнатите Белоруси затворени за време на насилното задушување на антивладините протести што започнаа во летото 2020 година.
Тој ја доби Нобеловата награда за мир заедно со руската група за човекови права Меморијал и Украинскиот центар за граѓански слободи во октомври минатата година, а беше уапсен во 2021 година заедно со двајца соработници од „Весна“.
Ним им се заканува затворска казна од седум до 12 години под обвинение за финансирање протести и перење пари. Бјаљацки јавно не ги коментираше наводите, а на неговиот адвокат му е забрането да објавува информации за случајот. На телевизиските снимки од судницата се гледаат тројца мажи како седат на клупи во метален кафез, со лисици и молчат.
„Весна“ на Твитер објави дека судијата одбил судењето наместо на руски да го води на белоруски и го одбил барањето на Бјаљацки за преведувач. Исто така, барањето за симнување на лисиците не е разгледано и барањето на адвокатот за ослободување од притвор е одбиено.
Пред судницата се појавија триесетина луѓе, меѓу кои и западни дипломати, но на повеќето не им беше дозволен влез.
„Весна“ презеде водечка улога во обезбедувањето правна и финансиска помош за стотици Белоруси затворени за време на масовните протести, откако Александар Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, извојува убедлива победа на спорните избори во 2020 година.
„Обвиненијата против нашите колеги се поврзани со нивниот активизам за човекови права и помош на центарот за човекови права и жртвите на политички мотивираниот прогон“, рече групата за случајот.
Бјаљацки и неговите колеги беа етикетирани како „политички затвореници“ од бранителите на човековите права. Тие проценуваат дека во белоруските затвори има околу 1.500 политички затвореници. Околу 50.000 луѓе се приведени поради учество во протести или критикување на владата од 2020 година, додаваат тие.