Цената на горивата од ноќеска на полноќ се зголемува за 1,5 до два денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,68 отсто.
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,5, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за два денари за литар.
Па така ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе се продава за 79 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе чини 81, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V), пак, 81,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) 80 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 0,062 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 40,655 денари.