Безбедносните мерки што ќе ги преземат шведските власти за време на посетата на американскиот преседател Барак Обама на Стокхолм на 4 и 5 септември, ќе ја чинат Шведска 24 милиони круни (2,7 милиони евра), јави ИТАР-ТАСС.
Според најавите, движењето низ градот ќе биде строго ограничено, што се очекува да предизвика вистински сообраќаен хаос.
За време на посетата ќе биде забрането движење и паркирање на возила низ центарот на Стокхолм, а при пристигувањето и заминувањато на Обама забранет ќе биде и сообраќајот по патот од меѓународниот аеродром до Стокхолм, во должина од 40 километри.
Шведската полиција апелираше до жителите на Стокхолм за време на двата дена од посетата на Обама своите автомобили „да ги остават во гаражите“ и да го користат јавниот градски превоз.
Но, и соображајот на јавниот превоз ќе биде ограничен, а во одредени период во денот ќе има и прекин на движењето на стокхолмското метро.
Ограничувања ќе има и во воздушниот сообраќај, а во одредени временски периоди воздушниот простор над Стокхолм ќе биде целосно затворен за цивилни летови.
За гарантирање на безбедноста на Обама ќе бидат ангажирани околу 2.000 шведски полицајци, на кои ќе им помагаат меѓу 500 и 700 агенти на американските тајни служби.