Десетина илегални имигранти се обидуваат секоја вечер да поминат преку границата од Македонија во Србија, а меѓу нив многумина се од Сирија, акде беснее војна но и на која и се заканува воена интервенција, пишува српски Блиц.
Во последната група која ги затекнала српската полиција на границата со Македонија имало 34 имигранти. Еден од нив бил и 25-годишниот Мохамед Бакр, студент на електротехника.
Тој за Блиц раскажува дека избегал од Алепо, откако неговата куќа била погодена со ракета, а српската полиција го фати заедно со неговите 11 роднини, меѓу кои има и мали деца.
Бакр вели дека им требале шест месеци да стигнат до Србија, преминувајќи граници и сретнувајќи се со трговците на луѓе.
„Немавме друго решение, немавме каде да одиме, вели тој присетувајќи се дека грчката полиција неколкупати го приведувала. Тој вели дека нема да се откаже се додека не стигне во Германија каде има роднини. Мисли дека главниот дел од патот го поминал зашто од Србија му останала уште една граница до ЕУ.
– Се обидував 15 дена да ја поминам границата меѓу Македонија и Србија. Истото ќе го направам ако треба и кога ќе излегувам од Србија“, вели Бакр за Блиц, додека чекал да го испита патролата на српската полиција.
Абу Умар, кој доаѓа од сирискиот град Деир ел Зора, за Блиц кажа дека кога ги фатила грчката полиција како ја преминуваат границата, завршил два месеци во затвор, а му ги зеле и сите пари. Кога стигнале во Македонија, според него полицијата ги претепала.
Иако повеќето заминуваат кон Европа преку Унгарија, според Блиц, голем дел од сириските бегалци барале азил во Србија. Жителите на Сирија веќе станале најбројни по барање азил во Србија.