Политичките партии СДСМ и Левица уште еднаш на дело покажаа дека се против нови зелени површини, против изградба на детски градинки, училишта, улици, пешачки патеки и нови фасади, велат од Општина Аеродром.
„Фактот што вчера тие не дадоа поддршка за носење на буџетот на Општина Аеродром за 2023 година, покажа дека како на централно, така и на локално ниво извонредно функционира коалицијата помеѓу двете најдеструктивни политички партии – СДСМ и Левица. Коалицијата која економски ја заглави Македонија и донесе сиромаштија, криминал и корупција очигледно е против развојот на Аеродром. Нивната одлука да не го поддржат буџетот за следната година покажа дека тие се грижат само за коалициските, политичките и бизнис интерес“, соопшти Општина Аеродром.
„И покрај опструкциите, аеродромци ќе добијат буџет што ги адресира сите предизвици и предвидува рамномерен развој на секое населено место. Буџетот за 2023 година предвидува изградба на две нови градинки, доградба на две училишта, изградба на нови сообраќајници и пешачки патеки, енергетски фасади и грижа за социјално-ранливите категории. Ова се проекти кои ќе донесат подобар живот за граѓаните на Аеродром, но и проекти кои се предмет на опструкции и блокада од страна на коалицијата СДСМ и Левица.
Општина Аеродром како и досега останува посветена на обезбедување на подобар живот за граѓаните. Оваа посветеност се гледа преку буџетот за следната година во кој се предвидуваат десетици капитални и инфраструктурни проекти.
Локалното деструктивно делување на СДСМ и Левица во минатото беше одбележано со дезинформации, поради што апелираме до граѓаните нивните вести и информации да ги прифаќаат со сериозна резерва“, се наведува во соопштението на Општина Аеродром.