Лидерот на австралиската опозиција Тони Абат, кој ја опиша граѓанската војна во Сирија како „лоши против лоши“, предизвика предизборно незадоволство и покрена низа прашања за неговите внатрешнополитички способности и дали би требало тој да биде идниот премиер.
Премиерот Кевин Рад ја оцени изјавата на Абат за кризата на Блискиот Исток како „најпростата анализа која некогаш ја слушнал“.
Тој ги повика Австралијците да не гласаат за конзервативната коалиција на Абат на изборите в недела, доколку се сомневаат во „неговата способност да ги согледува сложените прашања како што војна и мир и национална безбедност“.
Абат вчера во телевизиско интервју изрази сомнеж во изнаоѓање на политичко решение за сириската криза.
– Во оваа држава се води граѓанска војна меѓу две спротивставени страни. Борбата не е меѓу добри и лоши, туку лоши против лоши, затоа е многу важно да не ја влошуваме ситуацијата, истакнал Абат.
Социолошкото истражување, објавено денеска во весникот „Аустралиан“, покажува дека конзервативната коалиција на Абат има голема предност пред владејачката партија, со 54 отсто наспроти 46 проценти. Ваквиот резултат може да и донесе на коалицијата околу 90 пратенички места во 150-члениот Претставнички дом.