За министерката за одбрана, Славјанка Петровска, хибридните напади со себе носат поголем ризик. НАТО за овие закани е информиран за да даде поддршка. Петровска смета дека нејзиниот сектор нема што да прави во врска со лажните дојави и дека тоа е работа на полицијата. Останува на ставот дека засега нема реални закани иако има дојави.
„Информациите се темелат од безбедносните-разознавачки служби. Тоа е дека во моментов нема реална закана која може да влијае на нашата безбедност. Ако се појави било каков зголемен ризик за безбедност, граѓаните ќе бидат известени, а службите ќе постапат. Бомбите претставуваат закана, реална закана – нема“, кажа Петровска.
Прашана зошто НАТО е известен дури пред една недела за дојавите за бомби во Македонија кои се покажаа како лажни, Петровска одговори: „НАТО се известени за да помогнат и да дадат поддршка во рамки на капацитетите. Во рамки на минатите два месеци, од прв ден, се преземаат оперативни активности. Од НАТО е побарано на подолгорочен рок да се справи со овие напади“.
Министерката објасни дека решавањето на овие дојави за бомби е комплицирана.
„Хибридните напади се поголем ризик, тоа се закани кои се присутни, но не опипливи. Борбата со нив е потешка, покомплицирана и бара поголема стратегија. Министерството за одбрана има улога за поддршка и да ги споделува информациите кои ги имаме“, додаде Петровска.
Дојави за лажни бомби има постојано во изминативе два месеци. Премиерот Димитар Ковачевски веќе кажа дека е тешко односно скоро невозможно да се открие кој стои зад нив. Ставот го темелеше врз основа на тоа што дојавите се испраќаат од странски адреси преку ВПН.