Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се очекува во Вашингтон на неговото прво меѓународно патување од почетокот на војната на 24 февруари, објавија светските агенции, додавајќи дека тој би можел да се обрати во Конгресот и да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.
Претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси објави писмена изјава во која ги „охрабрува“ пратениците да бидат „физички присутни“ во среда навечер на седницата „специјално посветена на демократијата“.
On my way to the US to strengthen resilience and defense capabilities of 🇺🇦. In particular, @POTUS and I will discuss cooperation between 🇺🇦 and 🇺🇸. I will also have a speech at the Congress and a number of bilateral meetings.
— Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) December 21, 2022
Оваа посета, доколку биде потврдена, доаѓа во време кога американските парламентарци се подготвуваат да гласаат за нов голем пакет помош за Украина.
Американскиот претседател, од своја страна, треба да даде зелено светло за испраќање ракети „Патриот“, особено софистициран систем за противвоздушна одбрана, во Украина.
Како што наведуваат агенциите, украинскиот претседател се очекува да ги посети Белата куќа и американскиот Капитол во среда, иако безбедносните проблеми би можеле да ги променат тие планови.
„Панчбоул њуз“ прв ја објави можната посета на Зеленски на Вашингтон, цитирајќи девет извори запознаени со патувањето. Во објавата се наведува дека се очекува Зеленски да се сретне со раководството на Конгресот и со шефовите на комитетите за национална безбедност од Републиканската и Демократската партија и дека може да се обрати на заедничка седница на Конгресот.