Како што и порано беше најавено, селекторот на нашата кошаркарска репрезентација Алеш Пипан, на денешниот вечерен тренинг ги соопшти конечните 12 имиња кои ќе патуваат на Евробаскетот 2013. Еден ден пред заминувањето за Словенија, Пипан им се заблагодари на Марко Симоновски и Бојан Крстевски.
Уште на прес-конференцијата одржана во МакАутоСтар во петокот, селекторот Пипан потенцираше дека е исклучително задоволен од залагањето и работата на сите кошаркари од поширокиот список. Напомена и дека на помладите играчи, кои одлично се покажаа на подготовките, им претстои светла иднина низ настапите за репрезентацијата.
Конечните 12 кошаркари кои ќе ја претставуваат Македонија на Евробаскетот во Словенија се: Александар Костоски, Владо Илиевски, Дарко Соколов, Лестер Бо Мекејлеб, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Владимир Брчков, Тодор Гечевски, Перо Антиќ (капитен), Стојан Ѓуроски, Ѓорѓи Чековски и Предраг Самарџиски.
Нашата репрезентација за Словенија заминува утре попладне и пред првиот натпревар во Црна Гора закажан за среда, ќе одработи неколку тренинзи. Почнувајќи од среда (4 септември), на денот на отворањето на Евробаскетот, па заклучно со понеделник (9 септември), нашите репрезентативци ќе одиграат пет натпревари во рамки на првата групна фаза против Црна Гора, Литванија, Србија, Босна и Херцеговина и Летонија.
Со пласман на некое од првите три места во групата, Македонија ќе продолжи во втората осминафинална фаза од Првенството каде ќе вкрсти со најдобро-пласираните три репрезентации од Групата А каде се наоѓаат Украина, Велика Британија, Франција, Германија, Израел и Белгија.
За Македонија ова ќе биде четврти настап на Европско Првенство по учествата во 1999 година во Франција, 2009 година во Полска и 2011 година во Литванија, каде нашата селекција стигна и до најголемиот успех во историјата со пласманот на четвртото место.