На 13 декември 2022 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на монетарната политика.
„На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,50 п.п. до нивото од 4,75%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, зголемени се и каматните стапки на кредитот преку ноќ. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,50 п.п.
Со овие промени, Народната банка продолжува со затегнувањето на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на минатата година, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност. Накусо, од крајот на минатата година, Народната банка активно управуваше со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот (од 0,5%), со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем“, велат од НБ.
„Промените во поставеноста на монетарната политика и понатаму се реакција на инфлацијата, додека девизниот пазар е стабилен. Во ноември, за првпат оваа година, беше прекинат трендот на забрзување на годишната инфлација, под влијание на забавениот раст на прехранбената компонента, а во согласност и со промените на цените на меѓународните пазари. Сепак, ризиците од посилни преносни ефекти врз базичната инфлација од цените на енергијата и на храната, коишто сè уште постојат, како и подигнувањето на инфлациските очекувања наметнуваат потреба од натамошна монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, за којашто се очекува дека ќе продолжи со зголемувањето на каматните стапки во следниот период.
Во однос на најновите показатели, годишната стапка на инфлација во ноември забави на 19,5%, со што просечната годишна инфлација во периодот јануари – ноември 2022 година изнесува 13,8%. И натаму околу 76% од овој раст е директен ефект од растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија, поради што од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка.
Домашниот девизен пазар е стабилен, при поголема побарувачка на девизи на корпоративниот сектор, којашто во голем дел е неутрализирана од поволните движења на менувачкиот пазар и солидната девизна позиција на банките. Народната банка речиси и да нема интервенции на девизниот пазар, а девизните резерви од јули наваму бележат постојан раст и се над оцените од последните проекции. Нивото на девизните резерви ги задоволува меѓународните стандарди неопходни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во октомври 2022 година засега е во рамките на очекувањата за четвртиот квартал, според октомвриската проекција, но периодот на оцена е премногу кус за да можат да се изведат попрецизни заклучоци. Податоците за менувачкото работење, заклучно со крајот на ноември 2022 година, укажуваат на можност за остварување нето-приливи од приватните трансфери коишто се малку повисоки од очекуваните“, се вели во соопштението на НБ.
„Што се однесува до домашната економска активност, во третиот квартал од годината, дојдоа до израз неповолните ефекти од енергетската криза и од растот на трошоците врз одредени сектори од економијата, што доведе до забавен економски раст (2%). Остварувањата во третиот квартал од 2022 година, како и за првите три квартали од годината (раст од 2,7%), се малку подобри од проектираните. Расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во четвртиот квартал се недоволни, но засега се во прилог на очекувањата дека растот ќе забавува до крајот на годината. Така, податоците за октомври покажуваат мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, наспроти малиот раст во претходниот квартал, и натамошни неповолни движења кај индустриското производство.
Во однос на монетарните движења, според првичните податоци за ноември, кредитната активност и натаму расте, но поумерено и во согласност со очекувањата, додека растот кај депозитите забрзува посилно од очекувањата.
Во ноември, на меѓународните финансиски пазари променливоста е намалена, а пазарните очекувања упатуваат на понатамошно затегнување на монетарната политика од страна на глобалните централни банки. Во САД, заради согледувањата на инвеститорите дека ценовните притисоци во САД се намалени, се зголемија очекувањата за поумерено зголемување на референтната каматна стапка од страна на ФЕД. Очекувањата на пазарите во однос на каматната стапка на ЕЦБ исто така се во насока на нејзино понатамошно зголемување, како одговор на инфлациските притисоци во еврозоната, а при висока неизвесност од идната динамика на глобалните цени на примарните производи.
Општо земено, неповолното надворешно окружување и нагласените ризици налагаат водење исклучително претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците. Како и досега, централната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за среднорочна ценовна стабилност, соопштува Народната банка.