Дојава за поставени експлозивни направи утрово има за 15 средни училишта, меѓу кои „Георги Димитров“ и „Јосип Броз Тито“ во Скопје.
Учениците се евакуриани, а полицијата е на терен.
„Денеска околу 08.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на 15 училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, велат од МВР.
Премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес-конференција изјави дека е скоро невозможно да се детектира од каде доаѓаат дојавите за бомби.
Тој појасни дека голем дел од дојавите се прават преку т.н. ВПН врски хостирани во странство.
Скопските средни училишта дојави за бомби почнаа да добиваат во октомври. Во меѓувреме лажни дојави за експлозивни направи имаше и за Народната банка, Ист Гејт, ТЦ Бисер, ГТЦ, Железничката станица, кулите Џевахир, Министерството за надворешни работи, Флатирон и други објекти.