Високиот советник во американскиот Стејт Департмент, Дерек Шоле информира дека ја одложил посетата на Балканот, која требаше да започне денеска со неговото доаѓање во Косово, затоа што резултирал позитивен на Ковид-19.
Во објава на неговата страница на Твитер, Шоле порача дека ќе остане посветен на прашањата во регионот и најави дека посетата на регионот ќе ја реализира на почетокот на 2023 година.
– Принуден сум да ја откажам мојата посета на Балканот и на Брисел затоа што сум позитивен на Ковид-19. Ќе останам ангажиран за сите прашања во балканскиот регион и со нетрпение чекам да ја реализирам посетата на почетокот на наредната година, напиша Шоле.
Високиот американски дипломат се очекуваше денеска да му се приклучи во Приштина на американскиот специјален пратеник за Балканот, Габриел Ескобар, кој престојува во Косово од вчера, кога го посети православниот манастир во Високо Дечани.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Ескобар денеска се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, а за утре се предвидени средби со лидеритре на политичките партии.
Најавено е дека од Приштина Ескобар ќе отпатува за Белград, на средби со тамошниот државен врв, а во врска со најновата криза предизвикана во северно Косово, каде што локанлите Срби поставија Барикади и ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак.