Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен денеска оцени дека обвинувањата за корупција против потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, уапсена во Белгија, се „крајно загрижувачки“ и оти е неопходно да се формира независно етичко тело под чија јурисдикција би биле сите европски институции.
Бидејќи лобирањето на ниво на Европска Унија не е регулирано Лајен предложи формирање на независно етичко тело под чија јурисдикција би била ЕК, Европскиот совет и ЕП, како и Европска централна банка, Европски суд за правда и Европскиот ревизорски суд.
– Принципите за постоење на такво тело со многу јасни правила за тоа што, како и кога мора да се провери и што, како и кога да се објави би биле голем чекор напред, истакна Лајен.
На 9 декември во Брисел беа уапсени неколку лица по најмалку 16 претреси поврзани со истрагата за исплата на голема сума пари од страна на една земја од Персиски Залив за да се влијае врз одлуките на членовите на ЕП. Полицијата заплени 600.000 евра.
Меѓу уапсените е и потпретседателката на ЕК, Ева Каили од редовите на социјалистите и уште три лица. Тие се обвинети за учество во криминална организација, перење пари и корупција.
Обвинителите изјавија дека со месеци се сомневале дека Катар се обидува да влијае на одлуките во Брисел, а катарските власти ги негираа наводите за можни неправилности.
ЕП неделава треба да гласа за предлогот за продолжување на безвизното патување во Европска Унија за Кувајт, Катар, Оман и Еквадор. Некои пратеници предложија да се одложи дискусијата.
Извор: МИА