Белорусија планира да премести воена опрема и безбедносни сили како одговор на можни терористички акции, објави Советот за безбедност на Белорусија.
Во соопштението се наведува дека поради планираните воени вежби, сообраќајот на некои делници и патишта ќе биде забавен, пренесе Ројтерс.
Не е соопштено во кои делови од земјата ќе се одржуваат воените вежби.
Украина предупредува дека Русија и Белорусија планираат нов упад на руската армија преку украинско-белоруската граница и поради тоа во последните недели во Белорусија се одржуваат воени вежби.
„Непријателските единици се обучуваат на полигоните на Република Белорусија за да продолжат со руските напади од белоруска територија“, се наведува меѓу другото во соопштението на украинскиот Генералштаб објавено на социјалната мрежа Фејсбук.
Минатата недела рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу разговараше со својот белоруски колега Виктор Хренин за воената соработка.