Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска и утре во Брисел ја предводи делегацијата на земјава во билатералниот скрининг за економските критериуми и реформи во јавна администрација и финансиска контрола. Министерството за финансии е водечка институција во овие поглавја од билатералниот скрининг, кој започна со првиот кластер во ноември 2022 година. Областа економски критериуми е првпат вклучена во пристапните преговори.
„Економското управување е суштината на економските критериуми, заради што Министерството за финансии дава исклучителна важност на координацијата на двата клучни процеси, спроведувањето на Програмата на економски реформи и оцена на усогласеноста со економските критериуми за пристапување“, рече министерот за финансии на почетокот на билатералниот скрининг за економските критериуми.
Тој потенцира дека редовниот економско-финансиски дијалог со Комисијата, користејќи ја синергијата од утврдување на заеднички препораки, придонесе за насочување на капацитетите на државата кон спроведување на најприоритетните реформи, а кои имаат влијание на зголемување на економскиот раст и конкурентноста на државата.
Посочувајќи на влијанието на кризата во изминатата година врз постигнување на посакуваните економски резултати, истакна дека по стабилизирање на глобалните движења се очекува понатаму поставените стратегии и планираните мерки да ги дадат целните резултати.
„Кога зборуваме за економски раст и развој, тоа не е процес кој може и треба да се постигне само за една година, туку станува збор за долгорочен процес на структурни промени кои ќе дадат одржливи резултати. Среднорочниот карактер на Буџетот и неговото поставување врз стратешки документи како што се Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст, како генерална рамка, е значаен чекор во напорите за постигнување на целите“, рече министерот.
Тој се осврна на даночната реформа, во чии рамки деновите беше претставен новиот концепт, активностите што се преземаат со цел подобрување на управувањето со јавните инвестиции, акцискиот план за справување на неформалната економија, како и активности што се преземаат во енергетскиот сектор.
Министерот за финансии утре ќе учество на билатералниот скрининг за поглавјето за реформа на јавната администрација и поглавјето 32 кое се однесува на финансиската контрола. Билатералниот скрининг е првиот чекор во процесот на пристапните преговори со ЕУ. Тој овозможува на земјите-кандидати да се запознаат со законите и стандардите на ЕУ и со обврските што произлегуваат од нив, како и со нивото на подготвеноста на земјите и нивните планови за натамошно усогласување. Во овој процес Министерството за финансии е водечка институција во осум области, односно поглавја во четири кластери, од вкупно шест кластери во процесот.